KNIGA

Зошто „Емоционално секојдневие“
Критички осврт на „Емоционално секојдневие
Сликата од насловната страна
Синергија
Измени и дополненија:
Портфолио на рецензентите
Наводи и наводници
Биобиблиографија
Контакт и набавка

 

Белешката за авторот
Препорака
Посвета
Наместо предговор
Прикаската за Клошарот
Кармата и судбината
Хипотезата
Бордел
Човек, и кога ќе умре, не е на раат
Содржина
Автобиографија
Закон за здраво (емоционално) живеење
Животно недоразбирање
Среќата во себе

Човек, и кога ќе умре,
не е на раат

Човечкиот егоизам нема крај. Кога на луѓето им треба некој, велат дека го сакаат. Патем, додека е жив и душата ќе му ја земат. Не го ни прашуваат како му е нему.
Егоизмот навистина е бескраен. Ова најубаво се гледа кога некој ќе умре. Дури и тогаш човекот (мртовецот) не е оставен на раат. Некои луѓе, долго време му ја држат душата на мртовецот меѓу живите. Фали уште да речат дека „тоа го прават за негово добро“.
Човечката себичност е немерлива и неизмерна. Никој не го ни прашува мртовецот како сега би сакал да `живее`, и како би сакал луѓето да се однесуваат со него, особено најблиските. Кога на луѓето ќе им умре некој кој го сакаат (им треба), ни мртов не го оставаат на раат, долго време не го оставаат во мир да си почива.
За да им објаснам на читателите како се чувствува мртовецот, влегов во негова улога. (фала му на Бога и излегов)

Што кажува мртовецот.

„Јас сега сакам да си одам кај моите, кај мртвите. Мене таму ми е местото. Аман, немојте повеќе да ме држите во вас, не сакам да сум заробен во вашето тело и не сакам да ја чувствувам вашата болка. Вие мислите дека сум умрел, или не знам што си мислите, само знам дека сакате да ме задржите за себе, ама јас не сум ваш, јас не сум твоја сопственост и немаш право така да ме држиш. Те молам пушти ме да си одам кај моите, мене таму ми е местото. Јас сум си мртов и ќе си бидам со мртвите, ти си жив и ќе си бидеш со живите. Секој нека си биде со своите. Живите со живите, мртвите со мртвите. Сакај си го и љуби си го тој до тебе.
Не сакам вака мртов да бидам меѓу вас живите, ослободете ме од вас, сакам преостанатиот дел од животот да си го продолжам во рајот, на небото. Ваков, на земјата не се чувствувам добро. Овој свет тука на земјата не е за мене. Тука меѓу живите се чувствувам осамен, до кога ќе ме мачите. Знам, вие сте себични, сакате да ме (за)држите за себе, а сте се прашале ли како ми е мене, вака мртов меѓу живите. Себични сте какви што сте биле од секогаш, какви што сме сите. Вие сте ме сакале само за себе, никогаш не сте ме прашале како ми е мене, и што мене ми треба. Сега вака мртов ве молам да ми исполните само една желба, пуштете ме да си одам кај моите, таму на небото ќе ми биде поубаво. Вас ве сакам вакви какви што сте, какви што од секогаш сте биле. Од горе сакам да ве гледам весели, радосни и среќни. Немојте за мене да се секирате, јас сум добро. Господ ме зема кај него, затоа што му требав. И тој има потреба од луѓе. На човекот кога му е потребен некој, или ќе си го најде, или ќе си го роди, или ќе си дочека рожба од децата. На Господ кога му треба некој, Тој си го зема кај него. Јас сега си имам нов живот, пуштете ме да си живеам по мое! Таму ќе си најдам нови луѓе, нови пријатели, таму ќе си бидам со Господ. Пуштете ме да си одам, да си бидеме како што е редот, далеку од очи - далеку од срце. Оставете ме да си почивам во мир. Оставете ме на мир, и заборавете ме. Тоа го барам од вас. Мене така ќе ми биде подобро.
Вие сте себични, ама и јас сум. Си направив да биде по мое, како што мене ми е (по)арно.“

Ве сака,
Покојникот
 (с.р.)

 

Излегувам од улогата и давам свој коментар.
Ова е познато во психологијата. Се држиме во болката само за да се држиме во контакт со загубата. На тој начин си живееме со `тоа` како сеуште да го имаме, на ваков или онаков начин, во нашите доживувања. Не сакаме да се разделиме од загубеното. Ова се емотивно недовршени нешта, работи што се случуваат само во нашата глава.
А бе егоисти, сте се запрашале ли како му е на тој до вас? Додека сте вие во контат со некој друг свет, сте се запрашале ли како му е на тој до тебе. Сега, тој до вас се чувствува осамен. Ако вашата душа, вашето ментално присуство е на друго место, разбирливо е дека тој до вас ќе се чувствува осамен. Вратете си се на земјава, поред живите. На луѓето им требаат луѓе, живи и здрави (живахни), присутни до нас и со телото и со душата, сега и овде (тука), додека го живееме овој момент на земјата, сакаме да ни е убаво и пријатно на душичката. Кога сум жив, сакам да сум жив, кога сум мртов сакам да сум мртов. Не ме интересира што било, ниту што ќе биде, ако биде. Сега во овој момент, сакам да ми е добро.
Инаку зборот покојник доаѓа од зборот покој или спокој, што значи мир во душата. Покојникот си го нашол својот мир, останува само уште живите да си го најдат сопствениот мир, доколку го сакаат.
Човечкиот егоизам нема крај. Тој воопшто не води сметка како им е на другите. Сè што прави, прави за себе. Јас сум потполно истиот. Кај мене, за мојата среќа да биде комплетна, меѓу другите нешта, потребно ми е и тој до мене да го гледам среќен и задоволен. Не знам дали ова е исправно, но кај мене е така. Дури сега сум свесен дека, некои луѓе ги `терав` да бидат посреќни од она што тие би сакале да бидат, и дека тие истите, а и некои други луѓе ме манипулирале искористувајќи ја оваа моја особина.
Од човечкиот егоизам и покојникот нема спокој, а камо ли живиот. Луѓе бе, почитувајте се дур сте живи! Почитувај го ближниот дур е жив, сега овој момент и секој друг момент дур сте заедно на овој свет.
Исто така, ред е да се испочитуваат и последните желби и зборови на човекот односно на покојникот, да го оставиме на мир да си почива и да го заборавиме.

Не знам како го прифативте овој поднаслов, треба да укаже на несвесната човекова себичност, како човекова особина, и на тоа дека во животот го имаме само моментот, моментот во кој живееме тука, сега, овде, да сме во контакт, во живот и со себе и со нашата околина и стварност.

Историјата и минатото не може да се променат. Тоа што било поминало. Минало и поминало. Гледај, сега да ти е добро, со тој до тебе. Ова важи за сè во животот. Ако мислите дека не ја добивте пораката од овој поднаслов тогаш напишете расказ „Што кажува живиот“. Ако немате идеја, тогаш обидете се да се ставите во улога на жив кој залутал и се нашол меѓу мртвите. Обидете се да почувствувате како тој се осеќа и што тој би сакал. Влезете во негова улога и зборувајте како вие да сте тоа.
И престанете да кажувате дека „правите за нивно добро“. На тој другиот од оваа изјава му се превртуваат цревата во стомакот. Кога ќе изгубиме некој близок, оние делови што сме ги проектирале во него како да ни ги снемува, како да губиме дел од себе и од сопствениот интегритет. Исто така, што би рекол Оскар Вајлд, кога ќе го изгубиме, нема да можеме во неговите очи да ја гледаме сопствената убавина.
Изгледа дека искрениот егоист е најчесниот и најубавиот човек на светот. Тој вели: „Да, те сакам! Те сакам заради мене, не заради тебе! Јас сум со тебе, заради мене!“ Ова е правата вистина.